Корисничко име Лозинка Пријави се
09.6.2014

Надал деветти пат шампион на Ролан Гарос

Првиот тенисер на светот Рафаел Надал во финалето го победи Новак Ѓоковиќ со 3:6, 7:5, 6:2, 6:4 и по рекореден деветти пат триумфираше на Ролан Гарос.

Ѓоковиќ не успеа да стане осми тенисер во историјата кој ги освоил сите четири грен слем турнири, а Надал по деветти пат стана шампион во Париз.
Оваа средба не беше меѓу најквалитетните коишто ги имаат одиграно тие двајца, но Надал беше подобар во секој клучен момент и заслужено ја освои 14-тата грен слем титула, со што се изедначи со Пит Сампрас.
Ѓоковиќ го освои првиот сет, но не го искористи тој момент во вториот сет – напротив, физички целосно падна, многу слабо се движеше, а кризата достигна кулминација на крајот од вториот и почетокот на третиот сет.
Вториот го изгуби со 7:5, а во третиот веднаш му дозволи на Надал брејк откако го промаши зицерот на волеј. По ова Србинот се созема и во два гема на Надал имаше по брејк-топка, но не ги реализира, а Надал направи уште еден брејк и го доби третиот сет со 6:2.
Шпанецот во четвртиот сет прв дојде до брејк, но слично како минатата година во четвртиот сет, Новак успеа да се врати.
Но, Ѓоковиќ ментално не беше стабилен во текот на целото финале, а ништо не се промени ни во десеттиот, последен гем. Водеше 30-0, но направи четири грешки во низа, вклучувајќи ја грешката на двоен сервис на последниот поен.
Новак мечот го заврши со 43 винери и 49 грешки, додека Надал имаше 44 директни поени и 38 неизнудени грешки.
Во финалето на женскиот турнир, Русинката Марија Шарапова по нешто повеќе од три часа игра ја победи Романката Симона Халеп со 6:4, 6:7 (5:7), 6:4 и ја освои петтата грен слем титула вкупно, а втора во Париз.

Најнови вести