05.6.2014 Вилја преку Њујорк до Австралија
Шпанскиот фудбалски интернационалец Давид Вилја, кој потпиша за новоформираниот американски тим Њујорк сити, наредната сезона ќе игра на заем во Мелбурн.
Најдобриот стрелец на шпанската селекција на сите времиња за австралискиот тим ќе игра на десетина натпревари во текот на претстојната сезона 2014/15 во Лига А, пренесоа локалните медиуми.
Триесет и двегодишниот Вилја, новиот член на Њујорк сити, клубот кој ќе дебитира во МЛС-лигата во 2015 година, е испратен на заем во Мелбурн, чиј сопственик од почетокот на годинава е Манчестер сити.
Фудбалскиот клуб Њујорк сити минатата година го формираа челниците на Манчестер сити и Њујорк јенкис и следната сезона ќе игра во МЛС-лигата.
„Сигурен сум дека настапите за Мелбурн ќе ми бидат одлично искуство“, изјави Вилја.