Корисничко име Лозинка Пријави се
26.8.2017

Вилја по три години повторно во репрезентацијата

Хулен Лопетеги, селекторот на репрезентацијата на Шпанија, го повика Давид Вилја во екипата за одлучувачкиот натпревар против Италија од квалификациите за Светското првенство во Русија 2018 година.

Селекторот го соопшти списокот од 26 играчи и на него е 35-годишниот Вилја, кој за прв пат од 2014 година е повикан во репрезентацијата.
Тој се повлече од државниот тим по елиминацијата во групната фаза на Светското првенство во Бразил.
Вилја е повикан на местото на Диего Коста, кој не игра за Челзи по судирот со управата на клубот.
Вилја со „црвената фурија“ го освои Европското првенство 2008 година и Светското првенство две години подоцна.
Тој е најдобриот стрелец на шпанската репрезентација со 59 голови во 97 натпревари.
„Тој доаѓа од американската МЛС-лига и тоа не можеме да го промениме. Мораме да им веруваме на нашите инстинкти. Го повикавме бидејќи мислиме дека може да помогне. При соопштувањето на следниот список, ќе донесеме одлука врз основа на игрите и учинокот на играчите“, изјави Лопетеги.
Во екипата нема да биде Маркос Алонсо, фудбалерот на Челзи, но е повикан неговиот соиграч Алваро Мората, како и Давид де Хеа, голманот на Манчестер јунајтед.
Фудбалерите на Шпанија играат на втори септември, на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, во квалификациите за Мундијалот во Русија. Двете екипи имаат по 16 бодови во групата Г.
Првите екипи ќе се пласираат директно на Светското првенство, додека осум второпласирани ќе играат во баражот.

Најнови вести