23.7.2014 Чави засега останува во Барселона
Шпанскиот фудбалер Чави Ернандес и понатаму останува во Барселона и засега нема да оди во Њујорк сити, како што беше најавено, пренесе шпанскиот „Спорт“.
Чави потврди дека ќе биде на тренингот на каталонскиот тим на 24-ти јули, што значи дека засега не планира да замине во САД.
Шпанецот донесе одлука да остане во Барселона, со која има потпишано договор до 2016 година, по разговорот со тренерот Луис Енрике и претседателот на клубот Хосеп Бартомеу.
Како што пренесува шпанскиот весник, Чави не ги прекинал разговорите со челниците на американскиот клуб, за кого веќе потпиша неговиот поранешен клупски играч Давид Вилја.
Како што тврди „Спорт“, Чави ќе остане во Барселона до крајот на сезоната, а во американскиот клуб ќе направи трансфер следното лето.
Чави целата кариера ја помина во Барселона, за која одигра 723 натпревари и постигна 83 голови. Со каталонскиот клуб освои 22 трофеи, од кои седум шампионски титули во Примера лигата, три во Лигата на шампионите, две во националниот куп, шест на Суперкупот на Шпанија и два пати Светското клупско првенство.
За репрезентацијата на Шпанија одигра 133 натпревари, постигна 13 голови и освои една светска шампионска титула и две шампионски титули на Европа.