Корисничко име Лозинка Пријави се
13.8.2012

Франција олимписки ракометен шампион, Русија златна во одбојка

Франција ја потврди доминацијата во светскиот ракомет откако во финалето ја победи Шведска со 22-21. Русија со неверојатен пресврт триумфираше над Бразил со 3-2 во финалето на одбојкарскиот турнир.

Франција во интересно и неизвесно финале триумфираше над Шведска со минимални 22-21 и ја одбрани олимписката титула од Пекинг. Со ова продолжуваат одличните резултати на Франција во последните десетина година. Французите играа цврсто во одбраната, предводени од одличниот голман Омејер не им допуштија на Швеѓаните да се разиграат и заслужено стигнаа до златото.
Со иста игра како и во полуфиналето против Хрватска, Франција на полувремето имаше два гола предност (10-8), која ја здржаа до самиот крај. Гигу со пет гола и Абало со четири голови беа клучни за победата, а Абало во последната минута постигна гол кога Франција имаше играч помалку и само еден гол предност и го реши победникот.
Третото место на машкиот олимписки турнир го освои Хрватска која ја победи Унгарија со 33-26.

На одбојкарскиот турнир Русите со неверојатен пресврт стигнаа до олимпискиот златен медал откако по првите два сета губеа со 0-2 во финалето од Бразил. Бразилците доминираа во првите два сета и ги освоија со 25-19 и 25-20, а во третиот сет, по драматична борба, Русите победија со 29-27 и го најавија големиот пресврт. Тоа беше одлучувачки момент на мечот, па четвртиот сет Русите го добија со 25-22, а во мајсторката победија со 15-9 и го комплетираа неверојатниот камбек и сосема заслужено го освоија златото.

Во борбата за третото место, Италија со 3-1 го победи нашиот источен сосед Бугарија и се закити со бронзениот медал.

Најнови вести