02.9.2018 „Мистер 100“ и донесе победа на Шкендија на „Чаир“
Бесарт Ибраими даде два гола, и дојде до бројката од 100 погодоци во кариерата
Шкендија славеше на гостувањето кај Шкупи со 2:1, благодарение на пресвртот во режија на Бесарт Ибраими, а сите три гола на средбата беа постигнати во првото полувреме. Од Шкендија известија дека вториот гол на Ибраими на „Чаир“, е јубилеен, стоти, во кариерата на Ибраими, кога станува збор за погодоци официјални мечеви.
Шкупи поведе со голот на Кристијан Стојковски од пенал, а изедначи Ибраими, истотака од белата точка. Голот за победа, Ибраими го постигна во последната минута од првото полувреме. Тој прими една топка, направи мини-слалом низ одбраната на домашните и не му беше тешко да ја погоди мрежата.
За турскиот стручњак, Хајати Сојдаш, ова беше неуспешно деби на клупата на чаирскиот прволигаш. Во првите четири кола, Шкупи има два порази и две нерешени средби.
Ова беше последен меч од 4. коло во првата македонска фудбалска лига, а со новите три бода, тетовци му се придружија на Вардар со по 8 бода. Пред нив се само Работнички и Академија Пандев кои имаат по 9 бода.