14.8.2018 Втор нокаут за Шкендија, Рамаљо погоди, Салцбург оди понатаму
Со две победи против македонскиот првак Шкендија, Салцбург се пласира во завршната фаза пред настап во Лигата на шампионите, а вечерва австрискиот првак славеше со 1:0 и со вкупен резултат од 4:0 оди понатаму
Шкендија ќе игра во плејоф фазата за настап во Европа Лигата, веројатно против Розенборг, откако вечерва заврши сонот за пласман во ЛШ за тетовци. Салцбург повторно победи и во Скопје, а стрелец на голот за триумф од 1:0 е Андре Рамаљо, во втората минута од судиското продолжение.
Шкендија се обиде да одигра подобро од првиот меч што го загуби со 0:3 во Австрија, постигна и гол на стартот од вториот дел, но тој беше поништен. Гостите умешно ја бранеа големата позитива од три гола од првиот дуел, а на крајот и ја казнија Шкендија со погодок во самиот финиш. Салцбург ќе игра со подобриот од двомечот меѓу Спартак Трнава и Црвена Звезда за пласман во Лигата на шампионите, а Шкендија ќе игра за клупска историја и евентуален прв настап во Европа Лигата, против победникот од двомечот Розенборг – Корк сити. Првиот меч на гостински терен го доби Розенборг со 2:0.