Корисничко име Лозинка Пријави се
23.8.2018

Шкендија оди на „трета среќа“ за влез во ЛЕ, но на патот кон историски успех стои Розенборг

Македонскиот првак има шанса како никогаш досега да обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на Европа

Шкендија денес го игра првиот натпревар од двомечот во плејофот против Розенборг. Македонскиот првак во Трондхајм тргнува по историски успех, да биде вториот тим од регионот (по ред) кој обезбедил пласман меѓу најдобрите од второто по ранг европско клупско натпреварување, по ланскиот успех на Вардар.

За избраниците на Ќатип Османи ова е трет обид во последните три години да се стигне до посакуваната цел. Првиот пат Гент го руши сонот на тетовчани, минатата година Милан беше премногу моќен, а сега Розенборг е пречката, која според Османи, може да се надмине.

„Јасно е дека Розенборг посакува пласман исто колку и ние. Добро го анализиравме противникот, тоа ќе бидат исклучително тешки 180 минути во кои мислам дека и двете екипи ќе бидат со израмнети сили. Во Норвешка одиме со надеж за позитивен исход. Гол во гости нам многу ќе ни значи, но, мислам дека патникот ќе се одлучува во Скопје“, истакна Османи.

Статистички гледано, на Шкендија не ѝ одат од рака натпреварите во оваа фаза. Од Гент и Милан вкупно примија 13 гола, додека постигнаа само еден. Меѓутоа, минатото не треба да им влијае на тетовчани доколку посакуваат европска есен.

Во составот на Шкендија единствено ќе недостасува Егзон Бејтулаи, поради суспензија при три жолти картони, додека Радески веќе подолго време не е достапен за Османи. Кај денешните домаќини недостасуваат двајца напаѓачи поради повреди, Самуел Адегбенро и Јан Ерик Де Ленли.

Натпреварот кој се игра на стадионот „Леркендал“ започнува во 20.45 часот.

Најнови вести