25.7.2018 Леонардо го носи Конте на „Сан Сиро“
Италијанските медиуми дознаваат дека Леонардо, идниот спортски менаџер на Милан, ќе направи измена на клупата на „росонерите“ на која моментно е Џенаро Гатузо.
По отказот во Челзи, Антонио Конте нема работа, а наводно функционерите на Милан веќе го контактирале. Конте наводно е желба на идниот спортски менаџер Леонардо, кој на „Сан Сиро“ ќе дојде по големите реновирања на италијанскиот гигант.
Милан од неодамна има нов сопственик, а американскиот фонд „Елиот“ ќе ја смени речиси целокупната управа. Масимилијано Мирабели и Марко Фазоне веќе го напуштија клубот, а би требало да дојдат споменатиот Леонардо, Иван Газидис од Арсенал и Умберто Гандини.
Покрај Мирабели и Фазоне, Милан би можело да го напушти и Џенаро Гатузо, кој во клубот дојде во текот на минатата сезона. Тој го замени Винченцо Монтела, кој и покрај огромните вложувања, не успеа да го подигне тимот. Рино Гатузо со неговото доаѓање измени многу работи бидејќи играчите имаа многу поголема желба, но изгледа дека тоа не ѝ е доволно на управата која ја сака борбата за титулата.
„Росонерите“ досега ги доведоа Ален Халиловиќ, Пепе Реина и Иван Стриниќ.