Корисничко име Лозинка Пријави се
13.6.2018

Најголем скандал во историјата на Мундијалот – Лопетеги доби отказ!

Хулен Лопетеги, селекторот на Шпанија, доби отказ еден ден пред почетокот на Светското првенство во Русија!

Причината за отказот е едноставна – во Фудбалскиот сојуз на Шпанија не се задоволни што Реал Мадрид непосредно пред почетокот на натпреварувањето обелодени дека нов тренер на клубот ќе биде актуелниот селектор и на вонредна конференција за медиумите соопштија дека му е врачен отказ.
Наводно, Лопетеги го препорачал Серхио Рамос, капитенот на Кралскиот клуб, но Луис Рубијалес, претседателот на Сојузот, го негираше тоа и изјави дека, и покрај тоа што е таков моментот, не можела да биде донесена поинаква одлука.
На тој начин излезе дека се точни информациите на шпанските медиуми, кои се согласни во одлуката дека Реал имал ужасен тајминг за објавувањето на новиот селектор.
„Еден од најголемите скандали во историјата на Мундијалот“, често се повторува во локалните медиуми.
Челниците на Сојузот соопштија дека ќе се откажат од двата милиони евра компензација од страна на Реал Мадрид за да може моментално да го прекинат договорот на Лопетеги.
„Ова е направено без наше знаење. Не се чувствувам издаден, но мора вака. Хулен беше одличен тренер, но не смееме да прифатиме вакво однесување. Одлуката ни ја соопшти пет минути пред да биде официјално објавена“, изјави Рубијалес.
Некогашниот шеф на стручниот штаб на Порто летото 2016 седна на клупата на „црвената фурија“, кога го наследи Висенте дел Боске.
„Разговарав со играчите. Сè ќе направат да одиграат одличен турнир. Оваа одлука е донесена со целосна согласност на Фудбалскиот сојуз“, додаде претседателот.
Уште поинтересно во целата приказна е дека Лопетеги само пред 21 ден потпиша нов договор до 2020 година.
Шпанија за два дена го почнува настапот на Мундијалот со дуелот против Португалија во Сочи, а потоа следуваат натпреварите со Иран и со Мароко.

Најнови вести