Корисничко име Лозинка Пријави се
23.5.2018

Хјустон направи брејк против бледиот Голден стејт

Кошаркарите на Хјустон рокитс го совладаа Голден стејт вориорс со резултат 95:92 во четвртиот натпревар од финалето на Западната конференција во плејофот на НБА-лигата. Резултатот во серијата сега е 2-2.

Голден стејт веднаш на стартот тргна фуриозно, па Рокитс не знаеја што ги снашло во „Оракл арената“ во првите неколку минути. Вориорс поведоа 12-0 и главно држеа слично водство до крајот на четвртината.
Во следниот период нападнаа Рокитс и Џејмс Харден, додека Голден стејт се угаси, па Хјустон направи целосен пресврт на резултатот и втората четвртина ја доби со 34:18.
Вориорс излегоа во третата четвртина знаејќи дека тоа е нивниот период. Тогаш играат најдобро, а така беше и на овој натпревар. Посебно беше расположен Стефан Кари, кој го креираше враќањето, а најдобриот играч на Голден стејт секоја топка што ја фрлаше кон обрачот влегуваше внатре. Во тој период Кари постигна 17 поени, а погоди дури пет тројки.
Иако на стартот на последната четвртина Вориорс имаа предност од 12 поени, разликата почна да се топи. Хјустон направи серија од 9:0 и јасно беше дека Голден стејт има проблеми, додека Рокитс повторно беа во натпреварот. Голден стејт очекуваше дека Хјустон сам ќе го положи оружјето, а имаа и доста изгубени топки и дозволени офанзивни скокови на противникот.
Вориорс почнаа да донесуваат лоши одлуки, а покрај сè, не ги погодуваа и зицерите. Гостите дури и поведоа, а тоа им беше прв пат да водат во текот на четвртата четвртина во еден натпревар од плејофот во „Оракл арената“.
На две и пол минути до крајот, Ерик Гордон погоди тројка, која Рокитс ги одведе на плус 94:89, а Голден стејт веќе не успеа да постигне ниту еден кош од игра.
Џејмс Харден беше најефикасен со 30 поени, додека три помалку имаше Крис Пол. Голден стејт го предводеа Стефан Кари и Кевин Дурант со 28, односно 27 поени.
Наредниот натпревар се игра во Хјустон ноќта меѓу четврток и петок.

Најнови вести