Корисничко име Лозинка Пријави се
17.5.2018

Симеоне: Повеќе од трофејот, големото наследство на Торес

Тренерот на Атлетико Мадрид поради суспензијата, не можеше да седи на клупата на „јорганџиите“ во финалето на Лигата на Европа, но својата екипа одлично ја подготвуваше за одлучувачкиот дуел против Олимпик од Марсеј.

Мадриѓаните убедливо ги совладаа Французите со 3-0, а најзаслужен за успехот беше двократниот стрелец Антоан Гриезман.
Аргентинскиот тренер по освојувањето на титулата, ѝ оддаде признание на својата екипа и на Фернандо Торес, кој наскоро ќе го напушти клубот.
„Ова беше сезона полна со предизвици и мислам дека успехот во Лигата на Европа е повеќе од трофеј. Зад нас останаа напорната работа и огромната посветеност, и тоа ни се врати со оваа голема победа за клубот. Сезоната за нас не е завршена – сакаме да победиме во последното коло на Примера лигата за да ја осигуриме втората позиција на табелата. Всушност, нема многу време за славење“, изјави Симеоне.
„Сакам да му се заблагодарам на Фернандо Торес, тој ја симболизира нашата филозофија. Остави големо наследство во овој тим. Се надевам дека во недела ќе добие испраќање какво што заслужува“, додаде тренерот на „јорганџиите“.
Атлетико ривалот за во Суперкупот на Европа ќе го дознае на 26-ти мај, кога во финалето на Лигата на шампионите ќе се сретнат Реал Мадрид и Ливерпул.
„Атлетико игра важна улога во мојот живот – овде одраснав како професионалец. Овде се вратив во важен момент во мојот живот, а клубот ми го даде тоа што ми е потребно. По ваква победа, секогаш се чувствувате малку тажно. Многу е тешко да се дојде до тоа ниво и да се убедат играчите да одат заедно на тој начин. А кога ќе ја постигнете својата цел, морате да почнете одново. Комплицирано е“, изјави Симеоне.
„Јорганџиите“ во Лион ја продолжија апсолутната доминација на шпанските клубови во последните сезони на меѓународните натпреварувања.

Најнови вести