Корисничко име Лозинка Пријави се
09.5.2018

Кари и екипата закажаа финале со Хјустон

Кошаркарите на Голден стејт вориорс се пласираа во финалето на Западната конференција и ги чека серија со Хјустон рокитс. За Њу Орлеанс пеликанс оваа сезона е завршена.

Голден стејт серијата на полуфиналето на Западната конференција против Њу Орлеанс ја заврши во петтиот натпревар, во којшто славеше со 113:104.
Првото полувреме беше интересно, а и покрај тоа што Вориорс имаа предност во поголемиот дел од полувремето, Пеликанс успеваа да држат чекор, неколку пати доаѓаа до водство од два поена и на полувремето се отиде само со 3+ за Голден стејт.
Во третата четвртина дојде до целосен пад во играта кај Њу Орлеанс, кој за првите седум минути постигна само шест поени, а до крајот на третата четвртина само 19, а прими 36 поени.
Беше јасно дека оваа серија е завршена, но Пеликанс во четвртата четвртина во последните неколку минути успеаја да ја вратат неизвесноста и да не дозволат убедлив пораз и да го надминат заостанувањето од 26.
Голден стејт во одлучувачкиот натпревар на серијата го предводеше Стефан Кари со 28 поени, седум скока и осум асистенции. По него беше Кевин Дуран со четири поени помалку, кој додаде и шест скокови и седум асистенции. Клеј Томсон додаде 23 поени, а Дрејмонд Грин забележа дабл-дабл со 19 поени и 14 скокови. Една асистенција го делеше од учинок трипл-дабл.
Во Њу Орлеанс најдобар беше Ентони Дејвис со 34 поени и 19 скока. Дру Холидеј забележа трипл-дабл со 27 поени, 10 скока и 11 асистенции, а Никола Миротиќ натпреварот го заврши со 12 поени, седум скокови и една асистенција.

Најнови вести