Корисничко име Лозинка Пријави се
19.4.2018

Конте: Полесно е да се води Барнли отколку Челзи

Пред средбата од одложениот натпревар меѓу Барнли и Челзи, Антонио Конте, тренерот на „сините“, изјави пофални зборови за колегата Шон Дајш, но и даде една интересна констатација.

Според позицијата на табелата, овој натпревар би можело да се квалификува како дерби на колото, со оглед на тоа дека ќе се сретнат седмиот и петтиот тим на табелата. Шансите се дека двата тима ќе играат во Лигата на Европа наредната сезона, а додека тоа за Барнли би било епски успех и прво влегување во Европа по 51 година, кога играа до четврт-финалето на Купот на саемските градови, за Челзи тоа е далеку од успех, со оглед на тоа дека не се големи шансите да заврши меѓу првите четири тима коишто обезбедуваат пласман во Лигата на шампионите.
„Тој работи важна работа. Мислам дека заврши голема работа оваа сезона, но ако тргнете во сезоната со амбиции да обезбедите опстанок, тогаш сè оди полесно. Бидејќи кога во таквата ситуација ќе дојдете до европските купови, тогаш тоа е голем успех. Исто така, кога имате мал буџет, имате предност бидејќи сметате на тимот со кого сте веќе запознаени во претходните сезони. Од друга страна, многу е тешко кога во преоден рок влегувате како кандидат за титулата. Бидејќи шампион може да биде само еден, а другите кандидати остануваат со празни раце“, изјави Конте.
Челзи моментно има осум бода и натпревар помалку од четвртопласираниот Тотенхем, а десет бода и натпревар помалку од Ливерпул, кој се наоѓа на третото место и со кого до крајот на сезоната треба да одигра натпревар на „Стемфорд бриџ“. Барнли е седми со 52 освоени бода, девет повеќе од Лестер, и има големи шанси до крајот да остане на седмото место, кое гарантира пласман во Лигата на Европа, освен ако ФА купот го освои Саутхемптон.

Најнови вести