Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2018

Дербито на Милано конечно има значење

По неколку години чекање, големото миланско дерби „Дела Мадонина“ конечно има резултатско значење за двата клуба.

Домаќинот Милан се бори за пласман во Европа, има три бода повеќе од главните конкуренти за шестата позиција, Сампдорија, Аталанта и Фиорентина, и натпревар помалку, а со евентуална победа, дополнително би се вклучил и во трката за Лигата на шампионите.
Директно би го загрозил токму Интер, кој грчевито се бори да ја зачува четвртата позиција, има бод повеќе од Лацио, а осум од градскиот ривал, па „нераѕурите“ со оваа победа би се приближиле кон целта.
„Ова е дерби, дуел во кој послабо пласираниот тим на табелата често победува. Интер има квалитет, во форма е, игра добар фудбал. Повторно е оној тим кој играше одлично во првите три месеца од сезоната, така што нам ќе ни биде потребна исклучително добра игра од тактичка и техничка страна“, изјави Џенаро Гатузо, тренерот на Милан.
Ова ќе биде трет меѓусебен дуел на двата тима, во првата средба во Серија А Интер славеше со 3-1, со голот на трикратниот стрелец Мауро Икарди од пенал во 90-тата минута.
Милан му се реваншира на најголемиот ривал во четврт-финалето на Купот, го елиминира Интер по продолженијата, со голот на резервниот играч Патрик Кутроне.
„Знаеме колку е силен Милан. Играат добро, играта ја базираат врз поседот на топката, ја градат одбраната и ненадејно напаѓаат бидејќи Леонардо Бонучи може да глуми дека ќе одигра краток пас, а потоа ненадејно да ја испрати топката зад одбраната до крилото“, изјави Лучијано Спалети, тренерот на Интер.
Интер нема славено како гостин во дербито „Дела Мадонина“ од октомври 2012 година. Натпреварот почнува во 18 часот.

Најнови вести