Корисничко име Лозинка Пријави се
21.3.2018

Верати: Не одам никаде, сè е полесно со Нејмар

Марко Верати, играчот за врска на ПСЖ, ги демантираше наводите дека размислува за тоа да го напушти клубот и изјави дека неговата иднина ја гледа во Париз, но и дека еден пораз не смее да ја доведе во прашање лојалноста кон клубот.

Верати го поврзуваа со Баерн од Минхен, со некои англиски клубови, со Реал Мадрид и со Барселона, но 25-годишниот фудбалер во интервјуто за „Газета дело спорт“ стави точка на приказните за можен трансфер и јасно изјави дека останува во ПСЖ.
„Прочитав дека Мињо Рајола ме понудил на Барселона. Тоа не е вистина. Разговарав со своите агенти и тие знаат што мислам. Јасно е дека сакам да останам овде. Имам голема желба да продолжам да победувам со ПСЖ“, изјави Верати.
Не само што неговата иднина ја гледа во Париз, туку ги потсети и играчите дека треба да имаат еднаков став кон клубот, без оглед на неочекуваното испаѓање од Лигата на шампионите.
„Сакам да бидам дел од овој амбициозен проект, се надевам дека и моите колеги исто така размислуваат. Еден пораз не смее сè да доведе во прашање“, додаде играчот за врска на ПСЖ.
„За да се постигнат големите цели, важни се големите играчи. Сè е полесно со Нејмар“, додаде италијанскиот репрезентативец.
Во натпреварот од осминафиналето на елитното европско натпреварување Верати прво беше опоменат со жолт картон, а потоа доби црвен и беше исклучен од игра.
„Направив грешка против Реал, црвениот картон беше последната фрустрација. Понекогаш и линиските судии може да бидат малку потолерантни“, изјави Верати.

Најнови вести