Корисничко име Лозинка Пријави се
01.3.2018

„Светците“ стравуваат од повредата – Мбапе подготвен за Реал

Фудбалерите на ПСЖ синоќа во четврт-финалето на Купот на Франција го победија Марсеј со 3-0, но загрижувачки е фактот што Килијан Мбапе, младиот офанзивен играч на „светците“, играше само во првото полувреме, а потоа го напушти теренот поради повреда.

„Светците“ три дена порано во Лига 1 го совладаа истиот ривал со ист резултат, но најмалку шест месеци ќе бидат без Бразилецот Нејмар, кој доживеа фрактура на метатарзалната коска на стапалото и повреда на глуждот, па поради тоа ќе мора да му биде извршена операција.
Екипата од „Паркот на принцовите“ во вторник го очекува реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Реал, а бидејќи на „Сантијаго Бернабеу“ беше поразена со 3-1, сите карти се ставени на вториот натпревар во Париз. Проблем е тоа што тимот на Унаи Емери нема да биде комплетен, но добра вест е тоа што Килијан Мбапе не е тешко повреден.
„Мбапе доби удар во глуждот. Побара да не игра во второто полувреме, така што мислам дека не е ништо страшно. Треба и понатаму да работиме заедно, да имаме самодоверба и да го зачуваме натпреварувачкиот дух. Денес видовме играчи коишто играа добро. Сега ќе се свртиме кон натпреварот против Троа во сабота, а дури потоа кон Реал“, изјави Унаи Емери, тренерот на ПСЖ.
Тренерот на францускиот клуб исто така првично изјави дека сè е во ред и со Нејмар, но многу набрзо реалната состојба го поби неговото тврдење. Овој пат навивачите може да се надеваат дека е во право.
ПСЖ е прв на табелата на француското првенство со 71 бод, 14 повеќе од второпласираниот Монако, но она што го бараат пребогатите катарски сопственици на „светците“ е освојување на Лигата на шампионите.

Најнови вести