Корисничко име Лозинка Пријави се
21.2.2018

Сопственикот на Милан: Не сум банкротирал, тоа е лага

Кинескиот богаташ Јонгхонг Ли, сопственикот на италијанскиот фудбалски клуб Милан, изјави дека не се точни информациите дека банкротирал, како и дека се работи само за лажни вести.

Италијанските медиуми пренесоа дека компанијата на кинескиот бизнисмен има големи долгови, а се шпекулираше дека се работи и за измама, како и дека Кинезот воопшто не е богат бидејќи тоа лажно се претставувало.
Јонгхонг Ли во април 2017 година го купи Милан од Силвио Берлускони за 740 милиони евра, а во текот на летото во екипата беа вложени повеќе од 200 милиони евра.
Но, резултатите не дојдоа, прво беше сменет тренерот Винченцо Монтела, а потоа екипата ја презеде Џенаро Гатузо. Проблемите во Милан се евидентни, а нив дополнително ги подгреаја тврдењата на италијанските медиуми дека компанијата на кинескиот инвеститор е во долгови и дека поради тоа мора имотот на претпријатието да го продава на аукција.
Ли како одговор на ваквите информации реши да објави соопштение во коешто потенцираше дека со тоа во голема мера им се наштетува на неговото семејство, на клубот и на компанијата.
„Ситуацијата кога е во прашање имотот што го поседувам е стабилна. Клубот и компанијата стабилно работат, така што се надевам дека нема и понатаму да се зборува за вестите кои не се точни“, изјави Ли.
Милан моментно е седми во италијанскиот шампионат со 41 освоен бод, а утре ќе го дочека бугарскиот Лудогорец во шеснаесетфиналето на Лигата на Европа.

Најнови вести