Корисничко име Лозинка Пријави се
25.12.2017

Гатузо: Не сум јас проблемот на Милан

Промената на тренерот не донесе напредок, Милан и со Џенаро Гатузо изгледа просечно, а новиот тренер смета дека нова промена на клупата не би го решила проблемот.

„Росонерите“ во саботата беа поразени од Аталанта со 2-0 на „Сан Сиро“, што им е втор последователен пораз, а четврти натпревар без победа во последните пет кола.
Се наоѓаат дури на 11-тото место на табелата со 14 бода зад четвртопласираната Рома, која се наоѓа на позицијата која води во Лигата на шампионите.
„Ситуацијата е комплицирана, навивачите се будат, не можеме да ја продолжиме вака сезоната. Но луѓето не се откажуваат, и понатаму се трудат, даваат сè од себе. Сега јас сум тренер на Милан, но јас сум најмалиот проблем. Не е во прашање само физичката подготвеност, тука е и психолошкиот момент“, изјави Гатузо.
Милан не избегна пораз во ниту еден од осумте натпревари во коишто губеше. Во среда го очекува градското дерби со Интер, кој се бори за титулата со Наполи и со Јувентус, но ги изгуби последните два натпревара откако стигна на првата позиција.
„Да мислам дека јас сум проблемот, веднаш би дал отказ. Да мислам дека ја немам поддршката од играчите, веднаш би заминал. Но не е тоа. Нам ни недостасува одлучност и глад. Исто така, мораме да престанеме да се споредуваме со минатото. Ова се поинакви играчи, поинаков клуб. Мораме да се сконцентрираме на сегашноста. Кога она што го работиме не е доволно, мораме да станеме тим и помалку да грешиме“, додаде тренерот на Милан.

Најнови вести