23.11.2017 Карвахал пред суспензија поради намерно заработениот жолт картон
УЕФА покрена дисциплинска постапка против Даниел Карвахал, играчот на Реал Мадрид, бидејќи во натпреварот против АПОЕЛ во Лигата на шампионите намерно заработи жолт картон.
Фудбалерите на Реал вчера го победија АПОЕЛ со 6-0 во Никозија, а Карвахал жолтиот картон го доби во 90-тата минута од натпреварот поради одолговлекување.
Според правилата, Карвахал поради тој прекршок би можело да пропушти два натпревари во Лигата на шампионите, а Дисциплинската комисија на УЕФА за случајот ќе расправа на седми декември.
Реал натпреварувањето во групата Х од Лигата на шампионите сигурно ќе го заврши на второто место, зад Тотенхем.
Клубот од Мадрид има десет бодови, три помалку од Тотенхем, а во последното коло ја дочекува Борусија од Дортмунд.