Корисничко име Лозинка Пријави се
19.9.2017

Нов рекорд на Дарио Ивановски!

Најдобриот македонски атлетски тандем Дарио Ивановски и Игор Јакимовски во соработка со СПОРТ ЛАЈФ продолжуваат пријатно да ја изненадуваат нашата спортска јавност со најновите нивни постигнувања во кралицата на спортовите – атлетиката.

Низата успеси и врвни резултати во оваа сезона беше крунисана со најновиот сениорски македонски рекорд на Дарио Ивановски во дисциплината 3000м на отворено.
На атлетскиот митинг Голема награда на Србија, кој се одржа во Нови Сад на 28-ми август, Дарио Ивановски оствари историски резултат: 08:17:92 и за 1 секунда го подобри претходниот рекорд, кој го постави легендата на македонската атлетика Јонуз Јонузи уште во далечната 1992 година. Дарио во лов по рекордот тргна многу самоуверено во трка во која немаше достојна конкуренција и буквално сам ја истрча оваа историска трка.
Неговиот тренер Игор Јакимовски – Вуци, со претходно поставена тактика за Дарио, трката ја следеше од трибините на стадионот и според него, Ивановски ја истрча целата трка како искусен атлетичар и не дозволи ниту во еден момент да загуби ни една секунда од планираното време.
На крајот кога на семафорот застана времето за новиот македонски рекорд на Дарио од 08:17:92, на радоста на тандемот Игор и Дарио ѝ немаше крај.
„Дарио по којзнае којпат ја потврди својата класа и приматот најдобар македонски атлетичар. Неговата зрелост и однесување на натпреварите зборуваат како тој да има зад себе цела деценија искуство во овој спорт, а тој само трета сезона е професионалец во кралицата на спортовите. Нашата мисија продолжува во ист ритам и очекувајте нови пријатни вести во вториот дел од сезоната“, изјави Игор Јакимовски по успехот на младиот атлетичар.
„Искрено се изненадив од постигнувањето на новиот рекорд. Знаев дека сум во животна форма и дека ги постигнувам најдобрите резултати за мене , но рушењето на рекордите ми дава право дека можам да стигнам и до олимписка норма во следниот период“, кажа Дарио по остварувањето на големиот резултат.
Со овој успех е испишана уште една страница во историјата на македонската атлетика за Дарио Ивановски , кој само со 20 години веќе држи 3 сениорски рекорди на Македонија.
Во изминатиот период Дарио имаше подготвителен период со силни тренинзи на Копаоник, Србија, кои си дадоа резултат во рекордот , додека Игор настапи на неколку трки, при што за одбележување е победата на Ноќниот скопски полумаратон и рушењето за цели 4 минути на неговиот личен рекорд на најстариот атлетски маратон во Македонија , Охридскиот маратон на 30км, кој го истрча за 1 час 57 минути и 10 секунди, што беше доволно за 8-мо место во апсолутен пласман.
Игор и Дарио немаат време за славење, туку продолжуваат со жестоки тренинзи во лов на нови победи и рекорди. Нивниот следен настап ќе биде на меѓународно тло, во Белград и во Базел , Швајцарија. Двајцата атлетичари се редок и успешен пример во Македонија каде што и тренерот и ученикот заедно и се натпреваруваат и се најдобри во своите категории – сениорска и ветеранска.
Спорт Лајф и понатаму ќе продолжи да ги подржува во нивните следни натпревари со крајната цел Олимпијадата во Токио.

Најнови вести