08.8.2017 Мурињо: Нашата врата е отворена за Бејл, Пандев е најдобар македонски фудбалер
Менаџерот на Манчестер јунајтед Жозе Мурињо на вчерашниот прес во Скопје изјави дека е подготвен да се бори со другите клубови за потписот на Герет Бејл доколку Реал Мадрид сака да го продаде Велшанецот.
„Ако Бејл игра на Суперкупот тоа е најјасен сигнал дека останува во Реал. Ако игра значи дека е во планот на тренерот и на клубот. Тогаш нема да размислувам за тоа. Но ако тој не е во плановите на клубот и ако е точно дека играч како Бејл е на излезната врата, јас ќе го чекам на другата страна и ќе се борам со другите тренери кои би го сакале во својот тим“, изјави Мурињо.
Бејл прејде во Реал од Тотенхем во 2013 година за 85 милиони фунти, а минатиот октомври потпиша нов договор со „кралевите“ до 2022 година.
Португалецот се осврна и на нашиот фудбалер Горан Пандев кој е амбасадор на овој настан.
„Горан веројатно е најдобриот играч во историјата на Македонија, неговото име е најпознато фудбалско име во оваа земја. Ова е специјален момент за државата и мислам дека приватните авиони прават чуда, тој може да дојде само за мечот и да замине по мечот, но одговорноста е негова, а јас не го критикувам тренерот на Џенова што не го пушта“, изјави Мурињо за ситуацијата со Горан Пандев кој не беше ослободен од обврските со Џенова за Суперкупот на Европа.