Корисничко име Лозинка Пријави се
08.4.2017

Покетино: Важно е дека Кејн се врати

Хари Кејн, фудбалерот на Тотенхем, закрепна од повредата на глуждот и се приклучи на тренинзите, но Маурисио Покетино, тренерот на „петлите“, изјави дека не е сигурен дали ќе стартува во натпреварот против Ватфорд.

Од Тотенхем потврдија дека репрезентативецот на Англија оваа недела почнал да тренира, но дека закрепнувањето трае и понатаму. Кејн заработи повреда на лигаментите за време на натпреварот со Милвол во ФА купот минатиот месец, кога моментно второпласираниот премиерлигаш ја оправда улогата фаворит и го совлада третолигашот со 6-0.
Покетино на конференцијата за медиумите пред денешниот натпревар изјави дека не е сигурен дали Кејн ќе биде подготвен овој викенд.
„Сè уште не сум одлучил дали Кејн ќе биде во стартните 11 или неговата шанса ќе ја чека од клупата. Она што е најважно е дека се врати“, изјави Покетино.
Избраниците на аргентинскиот стручњак моментно се наоѓаат на второто место на табелата и имаат седум бодови помалку од првопласираниот Челзи.
Тотенхем денес ќе го дочека Ватфорд, кој е на десеттото место, а натпреварот на програмата се игра од 13 часот и 30 минути.

Најнови вести