16.1.2017 Куман презадоволен, Гвардиола ја знае причината за поразот
Роналд Куман, тренерот на Евертон, изјави дека неговите фудбалери одиграле совршено во второто полувреме во победата од 4-0 над Манчестер сити, додека Пеп Гвардиола, тренерот на гостите, изјави дека неговите фудбалери не биле доволно добри во одбраната.
„Ваков натпревар не може да се планира. Сите знаат дека секогаш е тешко се игра против Сити, бидејќи тие играат одличен фудбал. Второто полувреме беше совршено во секој поглед. Тие имаа добри шанси во првото, а разликата е во тоа што головите ги дававме навреме. Еден дадовме во првото и еден веднаш на почетокот на второто полувреме. Тоа е многу добро за нас, а тешко за противникот“, изјави Куман по натпреварот за Би-би-си.
На Сити ова му беше втор пораз во последните три натпревари, а петти во сезоната и сега заостанува со десет бодови зад лидерот Челзи.
„Ова се случуваше многу пати досега. Добро игравме во првото полувреме, создадовме многу шанси, а противникот дава гол штом пријде. Во второто полувреме од два шута дадоа два гола. Тоа е тешко за играчите, тешко е за психата. Затоа мора да се продолжи со работа и не смее да се паѓа“, изјави Гвардиола.
Една од основните работи на којашто инсистира овој шпански тренер е големиот посед, а неговиот тим вчера имаше 71 отсто, додека Евертон постигна четири гола од четири шута кај голот. Но, Гвардиола негираше дека тој пристап не дава резултати во Англија.
„Одбраната е последица на нападот. Кога тимот дава голови, полесно се брани, така што одбраната е последица. Создаваме многу шанси, но не ги користиме. Во секоја лига во која сум играл инсистирав на посед, додека противникот своите шанси ги чекаше од контра. Така беше и во Германија и во Шпанија. Овде проблемот е што не сме добри во шеснаесетникот. Создаваме шанси, но не даваме голови. Тоа е разликата“, изјави Гвардиола.