Корисничко име Лозинка Пријави се
28.9.2016

Алардајс веќе не е селектор на Англија

Сем Алардајс ја напушти клупата на Англија само по 67 дена поради скандалот околу нудењето совети како да се одбегнат правилата за трансферите на играчите.

Како што пренесе Би-би-си, Алардајс се договорил со Фудбалскиот сојуз на Англија за раскинување на соработката.
Алардајс вчера попладнето разговарал со Грег Кларк, претседателот на Сојузот, и извршниот директор Мартин Глен и тогаш ја понудил оставката.
„Поради неодамнешните случувања, ФА и јас договорно ја раскинавме соработката. Ми беше голема чест што во јули бев именуван и длабоко сум разочаран поради ваквиот исход. Вчера попладне се сретнав со (челниците на ФА) Грег Кларк и Мартин Глен и понудив искрено извинување, извинување од срце поради моите постапки. Иако во снимените разговори јасно е дека за секој ангажман потребно е одобрување од ФА, признавам дека сум дал некои изјави коишто предизвикаа непријатност“, изјави Алардајс, а пренесе Би-би-си.
Поранешниот тренер на Сандерленд по 67 дена и еден натпревар, ќе ја напушти репрезентацијата на Англија.
Тој во јули потпиша двегодишен договор со Сојузот, кога го наследи Рој Хоџсон, а на клупата на репрезентацијата ќе го замени селекторот на репрезентацијата до 21 година, Герет Саутгејт.
Британскиот дневник „Телеграф“ вчера ги објави снимките за кои тврди дека се од август и на коишто се гледа Алардајс како разговара со преправените новинари, коишто тврделе дека се претставници на една азиска фирма. На нив се слуша како зборува дека правилата за сопственост на играчите на третата страна може да се одбегнат.
„Телеграф“ наведува дека е договорена работа со селекторот од 400.000 фунти, кој би требало да ја претставува фирмата и да биде главен говорник на случувањата. Алардајс на новинарите им изјави дека секој договор мора да го одобри ФА. Селекторот на состанокот со лажните бизнисмени во Лондон присуствувал во друштво на својот агент Марк Кертис и финансискиот советник Шејн Молони.
На снимката се слуша како Алардајс својот претходник го нарекува „Вој“, поради говорната мана на Хоџсон. Селекторот го критикуваше и некогашниот селектор Гери Невил,  а оценил дека одлуката да се потрошат 870 милиони фунти за повторно да се изгради „Вембли“ е глупава.

 

Најнови вести