Корисничко име Лозинка Пријави се
01.12.2016

Саутгејт селектор на Англија до 2020 година

Фудбалскиот сојуз на Англија соопшти дека селектор на репрезентацијата во наредните четири години ќе биде досегашниот вршител на должноста, Герет Саутгејт.

„Исклучително сум горд што станав селектор на Англија. Свесен сум дека да се добие работата е едно, а сега сакам успешно да ја одработам таа. Одлучен сум да ѝ дадам сè што имам на оваа земја, на репрезентацијата. Се надевам дека луѓето ќе уживаат да го гледаат нашиот развој низ играта“, изјави Саутгејт.
Саутгејт од септември, откако Сем Алардајс даде оставка, ја извршуваше функцијата привремен селектор на Англија. Тој на претходните четири натпревари на репрезентацијата оствари победи против Малта и против Шкотска, додека ремизираше против Словенија и против Шпанија.
Како што пишуваат англиските медиуми, договорот на Саутгејт ќе трае до завршувањето на Европското првенство 2020 година, а наводно ќе заработува околу два милиони фунти годишно.
Мартин Глен, извршниот директор на ФА, изјави дека Саутгејт добро се покажал во претходниот период.
„Се покажа многу добро во претходните четири натпревари, а нè импресионираше и во текот на интервјуто за оваа работа. Ја заслужи. Тој е одличен амбасадор за она за кое се залага ФА, тој е одличен тактичар и лидер, но, пред сè, е победник и тоа е она што е потребно за оваа работа“, изјави Глен.
Четириесет и шестгодишниот Саутгејт од 2006 до 2009 година го тренираше Мидлсборо, а беше и селектор на репрезентацијата на Англија за играчи до 21 година од 2013 до септември оваа година.

Најнови вести