Корисничко име Лозинка Пријави се
19.5.2016

Тери потпиша нов едногодишен договор со Челзи

Фудбалерот Џон Тери уште најмалку година дена ќе го предводи тимот на Челзи со капитенската лента откако се одлучи да го продолжи договорот, објави клубот од Лондон.

Тери останува во Челзи по консултациите со новиот менаџер Антонио Конте и со сопственикот Роман Абрамович, но и поради тоа што навивачите бараа од управата искусниот дефанзивен играч да остане.
„Воодушевен сум што потпишав нов договор. Се радувам на предизвиците под водството на новиот менаџер и се надевам дека ќе бидеме успешни. Исто так посебна благодарност им должам на навивачите на Челзи, кои се најдобри на светот“, изјави Тери за официјалната интернет страница на „сините“.
Тери на тој начин ќе ја одигра 22-та сезона во дресот на Челзи, во кој е од својата 14-та година.
За првиот тим на „сините“ одигра 703 натпревари, најмногу во историјата на клубот, а постигна 66 голови, додека пак во Премиер лигата освои четири титули, пет ФА купови, три Лига купови, два Комјунити Шилд, Лигата на шампионите и Лигата на Европа. 
За репрезентацијата на Англија забележа 78 настапи пред 2012 година кога се прости од државниот дрес.

Најнови вести