Корисничко име Лозинка Пријави се
27.4.2016

Зидан го чека Роналдо, Пелегрини жали поради Силва

Додека тренерот на Реал Зинедин Зидан по ремито со Сити зборуваше за враќањето на Кристијано Роналдо, Мануел Пелегрини акцентот го стави на повредата на Давид Силва.

Двата клуба одиграа слаб натпревар без голови во Манчестер во првиот дуел во полуфиналето од Лигата на шампионите.
Реал беше без Португалецот кој од клупата ја следеше средбата на „Етихад“, додека Силва се повреди во второто полувреме.
„Не сакавме да ризикуваме со Роналдо, не се чувствуваше најдобро. Се надеваме дека ќе биде подготвен за реваншот. Тоа е планот. Штета е што се повреди и Бензема, па моравме да го изведеме. Имаме добар резултат, ќе бидеме подобри во вториот натпревар“, изјави Зидан.
Сити не го искористи отсуството на Роналдо, како ниту повредата на Бензема, делуваа безидејно во нападот, посебно по излегувањето на Силва.
„Игравме интензивно, добро се браневме и се обидувавме да креираме шанси додека не се повреди Силва. По тоа многу често ја губевме топката. Не можевме да направиме чиста шанса, но ако не можеш да победиш тогаш најдобро е да одиграш 0-0. Оваа сезона игравме добро во гости, ја победивме Севилја, Динамо, ремизиравме со ПСЖ, а со истиот став одиме на’Сантијаго Бернабеу’, каде Реал мора да нападне“, изјави Пелегрини. 
Реванш натпреварот во полуфиналето меѓу Реал и Сити ќе се игра во Мадрид следната среда.


Најнови вести