Корисничко име Лозинка Пријави се
14.3.2016

Тери оди во Брондби како играч-тренер?

Капитенот на Челзи Џон Тери следната сезона ќе биде играч-тренер на тимот од Данска, Брондби.

Тери е наводно близу до одлуката да го прифати повикот од Данска поради пријателството со претседателот на Брондби, Јан Бек Андерсен, но и фактот дека истовремено би играл фудбал и би ја започнал тренерската кариера.
Тери не доби понуда од Челзи да го продолжи договорот, а се шпекулираше дека за него се заинтересирани клубови од САД и Кина.
Тој целата своја кариера ја помина на „Стемфорд бриџ“ во дресот на „сините“ со кои освои 16 трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите, Лигата на Европа и пет титули во Премиер лигата.
За репрезентацијата на Англија одигра 78 натпревари и постигна шест голови, а има 35 години.
Брондби заедно со Копенхаген е најпопуларниот дански тим, десет пати беше шампион, а со градскиот ривал игра големо локално дерби.
Тимот од западниот дел на данската престолнина од 2006 година се наоѓа во голема криза предизвикана од финансиските проблеми, без трофеј е во последните десет години, а претходните сезони често се бореше за опстанок.
Новиот менаџмент кој пристигна во клубот во 2013 година донекаде ја стабилизираше ситуацијата, доведе неколку спонзори, а меѓу жолто-сините се вратија Даниел Агер и Јохан Елмандер.
Тоа резултираше со третото место минатата сезона и пласман во Европа,а во моментов се бори за истиот успех во оваа сезона.

Најнови вести