Корисничко име Лозинка Пријави се
18.11.2014

Сменет Сафет Сушиќ

Сафет Сушиќ е сменет од местото селектор на репрезентацијата на Босна и Херцеговина поради лошите резултати во квалификациите за Европското првенство 2016 година.

„Змејовите“ по најголемиот успех во историјата на репрезентацијата, пласманот на Мундијалот, освоија само два бода во првите четири квалификациски натпревари за Европското првенство, иако имаат релативно лесна група.
Босна и Херцеговина квалификациите ги отвори со неочекуван пораз од Кипар во Зеница, потоа ремизираше со Белгија и со Велс, а на Сушиќ му пресуди тешкиот пораз во Израел во неделата.
„Јас не сакав да си одам, бидејќи сметам дека сè уште има шанси да се победи во наредните барем пет-шест натпревари и да се оди на ЕВРО 2016 година. Вистина е дека сега ни се намалени шансите за тоа, но тие и понатаму постојат. Јас не се сметам за виновен ако не одиме на Европското првенство, бидејќи објективно можеме да победиме во пет натпревари и да избориме пласман. Јас не бегам од одговорноста. За резултатите секогаш се обвинува селекторот, а дел од одговорноста е и на играчите“, изјави Сушиќ по отказот.
Тој изјави дека претходно ги одбил понудите на Азербејџан и на Галатасарај, па сега ќе прифати некоја од нив и нема да прави долга пауза без работа.
Сушиќ Босна и Херцеговина ја водеше од 2009 година, кога го замени Ќиро Блажевиќ. Во изминатите пет години со тимот одигра 49 натпревари, а оствари 23 победи и 17 порази.
Само пред една година беше апсолутен херој во својата земја поради тоа што ја одведе на Светското првенство во Бразил, но поразите од Аргентина и Нигерија и победата над не многу силниот Иран, претставуваа почеток на неговиот крај на клупата на „змејовите“.
Сè уште не е познато кој ќе го наследи Сушиќ, а се шпекулира за: Вахид Халилхоџиќ, Амар Осим, Душко Бајевиќ, Роберт Просинечки, Мехмед Баждаревиќ, Фарук Хаџибегиќ, a mожеби Босна и Херцеговина ќе се одлучи и за прв селектор странец.

Најнови вести