Корисничко име Лозинка Пријави се
10.9.2014

Сушиќ: Играчите потфрлија во поразот од Кипар

Сафет Сушиќ, селекторот на Босна и Херцеговина, по шокантниот пораз од Кипар во Зеница, изјави дека играчите потфрлиле и бегале од топката во текот на натпреварот.

Босна и Херцеговина квалификациите за Евро 2016 година ги почна со пораз од 2-1 од селекцијата која во овој век на гостувањата ги победувала само Малта, Фарските Острови и Сан Марино.
„Немам оправдување за овој пораз. Единствена причина е што нашите играчи потфрлија. Ги предупредував. Имав чувство дека почна страв да се вовлекува меѓу играчите. На крајот ми се чинеше дека некои играчи го молеа Бога да не ја добијат топката“, изјави Сушиќ.
Босна и Херцеговина поведе во шестата минута со голот на Ибишевиќ, но гостите без конкретна игра успеаја да изедначат до полувремето. Во продолжението целосно се распадна играта на домаќините. Кипар ги искористи грешките на одбраната и направи пресврт, а во финишот на натпреварот Миралем Пјаниќ не го погоди пеналот за изедначување.
„Го прашав дали сака да шутира. Пенал може секој да не погоди. Не погоди и Марадона во четврт-финалето на Светското првенство. Не заслуживме да победиме. Можеби заслуживме бод, но победа сигурно не“, додаде селекторот на Босна и Херцеговина.
Иако беше критичен кон играчите, Сушиќ сепак ја презеде одговорноста за поразот.
„Јас сепак сум подготвен за критика, секој може да напише што сака. Јас можам да знам дека Кипар не го потценивме како никогаш никого досега. Јас сум првиот одговорен, да составев поинаква екипа, можеби ќе беше поинаку. Пјаниќ е втор играч во Рома кој шутира пенал и ми рече дека сака и сега да шутира, но нема играч кој не може да утне“, изјави Сушиќ.

Најнови вести