Корисничко име Лозинка Пријави се
01.9.2017

Босна и Херцеговина ја прокоцка победата, срам за „лалињата“, деветка на „ѓаволите“

Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина ги сведе на теорија шансите за пласман на Светското првенство во Русија 2018 година откако беше поразена на Кипар, иако имаше предност од два гола. Најубедлива победа оствари Белгија против Гибралтар, Франција силна против некогаш големата Холандија.

„Змејовите“ на Мехмед Баждаревиќ не го искористија киксот на Грција, која на нејзин терен одигра само 0-0 против Естонија, и да ги престигнат Грците, иако водеа 2-0 со головите на Шуњиќ во 33-тата и Вишќа во 44-тата минута. Сепак, Кипар само за две минути со головите на Кристофиј во 65-тата и Лабан во 67-мата минута дојде до изедначување, а потоа Сотиру во 76-тата минута им донесе три бода на Кипраните. По седмото коло, Грција има 13 бодови, два повеќе од Босна и Херцеговина, но Кипар им се приближи само на еден бод на „змејовите“ и на три на Грците.
Во групата Х, Белгија е убедливо прва со 19 бодови, а најновиот триумф го оствари против Гибралтар. Победата очекувано висока, 9-0, а на натпреварот блескаше Том Моние со хет-трик и уште толку асистенции. Три гола постигна Лукаку, два Мертенс, а стрелец беше и Аксел Вицел, кој во 40-тата минута доби црвен картон.
На стадионот во Франција, во Сен Дени, Холандија доживеа историски срам. Франција славеше со 4-0 и со тоа ја изедначи најубедливата победа во меѓусебните дуели, во кои многу повеќе успеси имаа фудбалерите на „лалињата“, а таа е забележана во пријателскиот натпревар 1947 година. Головите за „триколорите“ ги постигнаа: Гриезман во 14-тата, Лемар во 73-тата и во 88-мата и Килијан Мбапе во првата минута од продолжението.
Во групата А, Бугарија и Шведска одиграа феноменален натпревар во Софија, а домаќинот славеше со 3-2. Швеѓаните може да го обвинуваат Форсберг, кој во 16-тата минута не го погоди пеналот. Во оваа група Французите се осамени на врвот со 16 бодови, Швеѓаните имаат 13, Бугарија 12, а Холандија 10. Последен и понатаму е Луксембург, кој ја победи Белорусија со 1-0.
Португалците очекувано славеа убедливо против Фарски Острови со 5-1, иако беше 2-1 сè до 58-мата минута. Кристијано Роналдо постигна хет-трик, а за шампионот на Европа останатите голови ги постигнаа Вилијам Карвалјо и Оливеира. Лидер на групата Б и понатаму е Швајцарија, која во Сент Гален ја победи Андора со 3-0. Швајцарците и понатаму имаат максимален учинок од 21 бод, три повеќе од Португалците. Унгарија, која ја победи Летонија со 3-1, има десет бода, а Фарски Острови пет. Андора има четири, а Летонија три бода.

Најнови вести