Корисничко име Лозинка Пријави се
21.3.2017

Вујошевиќ нов селектор на Босна и Херцеговина

Славниот српски кошаркарски стручњак Душко Вујошевиќ во четврток ќе биде поставен на местото селектор на репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Како што пренесува „Независне новине“ од Бања Лука, сè е договорено и на седницата на извршниот одбор на Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина останува да се потврди именувањето.

Тренерот на Лимож разговарал со челниците на Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина, по што изразил подготвеност да го преземе водењето на репрезентацијата.
Тој ќе го наследи Дамир Мулаомеровиќ, кој клупата ја напушти во септември минатата година, по неуспехот во квалификациите за Европското првенство.
„Мислам дека пронајдовме селектор. Доколку не се случи нешто непредвидливо, трофејниот Душко Вујошевиќ од оваа седмица ќе биде нов селектор на Босна и Херцеговина“, изјави извор од Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина за „Независне новине“.
Вујошевиќ е најтрофејниот тренер во историјата на Партизан, ја тренираше и ЦСКА од Москва, во репрезентативната кариера со доста успех ја водеше јуниорската репрезентација на поранешна Југославија, а подоцна беше селектор на Србија и Црна Гора, па на Црна Гора, кој за прв пат ја одведе на Европското првенство.
Покрај Вујошевиќ, во најтесната конкуренција за селектор на „змејовите“ беа: Ненад Марковиќ, Драган Бајиќ и Адис Беќирагиќ.

Најнови вести