Корисничко име Лозинка Пријави се
31.8.2018

Почна „Мисијата да се победи Косово“, на стартот на подготовките се појавија седуммина кошаркари

Седум репрезентативци на Македонија се појавија на почетокот на подготовките за претквалификациите за Евробаскет 2021, а мисијата ја почнуваме против Косово.

Александар Костовски, Бојан Крстевски, Кире Николовски, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ, Адем Мекиќ и Предраг Пајиќ беа присутни на првиот тренинг на македонската репрезентација, вечерва. Нашата А селекција ги почна подготовките за претквалификацискиот циклус натпревари на патотот кон ЕП 2021 година.

Од задутре ќе се приклучат шестмина кошаркари на МЗТ Скопје, а последна ќе се приклучи тројката интернационалци Бојан Трајковски, Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски.

„Го поминавме првиот круг, почнуваме со вториот. Како и сите други репрезентации и ние имаме проблеми со играчите и нормално е за овој период да биде така. Но, што е тука е, ќе се прилагодуваме. Ќе почнеме денес, другите ќе се приклучат подоцна. Ги чекаме шестмината од МЗТ Скопје, како и странските кошаркари - Бојан Трајковски, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски... Иако на хартија натпреварите изгледаат лесно, ќе бидат доста тешки, особено во ваква ситуација. Ќе се обидеме максимално да се подготвиме и да одиграме на ниво. Особено важен ни е првиот натпревар против Косово. Оптимист сум, мислам дека ќе успееме во овој циклус.Разговарав со Хендрикс неколку пати. Ако кажам дека нешто е конечно - ќе излажам. Уште разговараме со него и со клубот. Јас до последен момент нема да се откажам. Како што сега стојат работите, многу тешко е да го имаме Хендрикс. Но, да видиме, беше тешко и пред девет месеци, па во последен момент го добивме. Друга комбинација немаме - или Хендрикс, или без странец. Витингтон е повреден, а Џордан од февруари не настапува. Но, со БиХ, Холандија и Португалија игравме без странец. Работите ќе зависат од нас и нашите глави. Ако психички влеземе подготвени во натпреварите, може да одиграме на ниво, зависи дали со или без странец“, изјави селекторот Јорданчо Давитков.

Против Косово ќе играме на 13. септември во Приштина за старт на претквалификациите на патот кон ЕП 2021 година. Со нас и Косово во групата е и Романија, а само првопласираната селекција продолжува во квалификациите, додека останатите две ќе се обидат во третата фаза претквалификации да продолжат понатаму.
 

Најнови вести