Корисничко име Лозинка Пријави се
19.1.2015

Три од три за Македонија, победена и Босна и Херцеговина

Во тежок натпревар, Македонија ја оствари и третата победа во Групата Б на Светското првенство во Катар против Босна и Херцеговина со 25-22.

Македонските ракометари со одлична одбрана го почнаа натпреварот и во првите седум минути противникот не постигна гол, а со головите на Лазаров, Миркуловски и Маркоски имавме водство од 4-0 и 6-1. Следеше период во кој Босанците направија серија од 4-0 и се вратија во игра и поведоа со 7-6, но преку Стоилов го израмнивме резултатот по скоро десет минути без постигнат гол.
По малата криза, Македонија повторно го контролираше натпреварот и на полувремето имавме два гола предност, 13-11.
На стартот од второто полувреме Босанците стигнаа до израмнување, а Манасков го постигна првиот гол по скоро пет минути во продолжението. Кирил Лазаров не беше расположен, на негово место влезе Вугринец кој не реализираше пенал, по што Босна повторно го презема водството за 18-17. Вугринец израмни, но тогаш останавме со двајца играчи помалку на теренот.
Нашата одбрана заигра многу поцврсто, а со двата гола на Прибак и на Лазаров направивме три гола разлика, 22-19. Во продолжение се играше гол за гол, но со одличните одбрани на Ристовски успеавме да ги задржиме трите гола разлика и рутински да го завршиме натпреварот за финални 25-22.
Најефикасен ракометар во македонската репрезентација беше Дејан Манасков со шест голови, Георгиевски даде четири, а Кирил Лазаров постигна три, сите од пенал, исто колку и Миркуловски и Мојсовски.
Утре е слободен ден за нашата селекција, а во среда играме против Хрватска за првото место во групата.

Најнови вести