Корисничко име Лозинка Пријави се
09.9.2018

Редот е на Македонија, со победа против Ерменија да се трасира патот кон ЕП

Македонија го игра првиот дел од клучниот двомеч за првото место во групата, против главниот ривал Ерменија, денеска во Скопје од 18 часот. Досега билансот ни е израмнет со по две победи, нерешени и порази, а ако се следи традицијата редот е на нашата селекција да победи

Генерацијата на Горан Пандев, комбинирана со младоста и квалитетот на златните младинци од Европското првенство во Полска победнички го почна трнливиот пат кон ЕП 2020, но сега следи едно од најголемите искушенија. Првиот дел од двомечот со главниот ривал во нашата група, Ерменија е на распоред денеска од 18 часот. 


На националната арена „Филип Втори“ ќе им бидеме домаќини на Хенрик Мхитарјан, Арас Озбилиз, Маркос Пицели, Тигран Барсегјан... Ерменците имаат одлични индивидуалци и слично како и Македонија многу поголем потенцијал од досегашните резултати во квалификациските циклуси за настап на големите натпреварувања.


Досега како и ние никогаш не играле на Европско првенство, или на М ундијал, а Лигата на Нации во овој формат им нуди таква шанса на условно помалите селекции.


„Имаме одличен спој на квалитетни играчи во оваа генерација и тоа треба да го искористиме за да дојдеме до успех во Лигата на Нации. Ерменија е одлична репрезентација, која не смее да се потцени, но со ангажирана игра можеме да ги победиме“, изјави Горан Пандев.


Тој како капитен ќе ги предводи соиграчите кон посакуваната цел, а тоа е победа против главниот ривал во четвртата група од Д сегментот. Пандев има освоено речиси се на клупски план, беше европски и светски првак со Интер, има долга и успешна кариера во Серија А, а сега сонот е да настапи и на Европско првенство. И ако се оди според традицијата редно е да ги победиме Ерменците. Досега имаме биланс од по 2 победи, нерешени и порази, а во првиот блок од квалификациски мечеви поуспешна беше Ерменија. 


Во квалификациите за ЕП во 1995 година ремизиравме во Ереван 2:2, но потоа загубивме дома со 1:2. Следниот двомеч со оваа селекција го игравме во квалификациите за СП и двапати победивме. Во 2004 година славевме во Скопје со 3:0 и следната година повторно бевме подобри и забележавме триумф во Ереван со 2:1. Последниот двомеч во квалификациите со Ерменија ни беше во 2010/11 за настап на ЕП, но тука немавме многу успех. Дома ремизиравме 2:2, за потоа да загубиме со 1:4 на гостински терен.


На ред е нов двомеч со незгодните Ерменци, овојпат за првпат во Лигата на Нации, а ако бидеме поуспешни од противникот, ни се насмевнува првото место во групата и полуфинале на патот кон ЕП 2020 година.

 

Најнови вести