Корисничко име Лозинка Пријави се
12.12.2016

Швајцарскиот голман МВП на финалето во МЛС-лигата

Швајцарскиот голман Штефан Фрај е прогласен за најкорисен играч на финалето во МЛС-лигата, во кое неговиот Сиетл саундерс ја освои првата шампионска титула.

Фрај одлично бранеше во финишот на натпреварот со домаќинот Торонто, а одбрани и еден пенал од серијата која неговиот тим ја доби со 5-4.
„Испишавме нови страници во историјата на Сиетл саундерс. За мене лично, ова можеше да ми се случи каде било, не ми е важно, но само додека сум со својот тим и со соиграчите. Ова е она од што сакаш да бидеш дел“, изјави Фрај.
Тој во МЛС стигна во 2009 година, како играч на Торонто, а на голот на Сиетл е од пред две сезони.
„Потребно е многу среќа кога ќе се дојде до пенали. Серијата од пенали не е најубав начин да се одлучи победникот на натпреварот, а Роман дури на тренингот не погоди пенал. Мило ми е што тоа му се случи во саботата на тренингот, а не вчера во финалето“, изјави Фрај.
Ова беше првиот финален натпревар во плејофот на МЛС-лигата кој беше завршен без голови и чиј победник мораше да биде одлучен по подоброто изведување на пеналите, а Сиетл исто така е првиот тим кој не успеа во текот на натпреварот да испрати еден шут кон голот.
Брајан Шмецер, тренерот на Сиетл, на крајот на јули ја презеде екипата која беше деветта на табелата на Западната конференција.
Сиетл оттогаш оствари осум победи, две ремија и четири порази, па Шмецер стана прв тренер во историјата на МЛС-лигата кој ја довел екипата до плејофот иако имала 20 или помалку бодови по првите 20 натпревари во сезоната.

Најнови вести