Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
04.5.2018

43 поени на Леброн за двоен брејк против Торонто

Кошаркарите на Кливленд славеа во Торонто против Репторс со резултат 128:110 и со тоа поведоа со 2-0 во полуфиналната серија од плејофот на НБА во Источната конференција. Кливленд направи два брејка во Торонто и сега има предност на домашен терен.

Во стартот не делуваше дека ова би можело да биде најдобрата партија на Леброн Џејмс во овогодишниот плејоф. Торонто се чувствуваше комфорно на домашниот паркет и имаше дури седум поени плус, додека Леброн тој период го заврши само со два коша.
Во втората четвртина, Репторс продолжија во ист ритам, но никако не успеваа да дојдат до голема предност, а тоа го искористи Кливленд, кој со серија од 8-2 успеа да се врати само на минус два, колку што беше разликата на големиот одмор.
Кошаркарите на Кливленд во третиот период заиграа подобро во одбраната, но што беше многу поважно, постигнаа дури 37 поени во тој дел од натпреварот, со што го трасираа патот кон победата. Кавалирс продолжија со одлична напаѓачка игра до крајот, па на заспаниот Торонто му немаше спас. Кливленд одлично шутираше за три поени, па натпреварот го завршија со 11 погодени тројки од 26 шутови, додека во текот на целата вечер шутот им беше фантастичен бидејќи погодија 60% од сите обиди.
Леброн Џејмс натпреварот го заврши со 43 поени, 14 асистенции и осум скокови, додека Кевин Лав имаше 31 поен и 11 скока. Демар Дерозен кај Торонто постигна 24 поени, а Кајл Лаури имаше три помалку.
Леброн во овој натпревар испиша историја бидејќи ова му беше 16-ти натпревар во плејофот во којшто имаше повеќе од 30 поени и повеќе од десет асистенции. На тој начин го престигна Мајкл Џордан.
Наредниот натпревар овие екипи го играат во Охајо, ноќта меѓу сабота и недела, од 2.30 часот по полноќ.

Најнови вести