Корисничко име Лозинка Пријави се
13.1.2016

Рома го отпушти Гарсија, пристигнува Спалети

Фудбалскиот клуб Рома соопшти дека Руди Гарсија не е повеќе тренер на овој италијански клуб.

Гарсија на клупата на Рома беше од 12 јуни 2013 година и го водеше клубот од Рим до 10 победи во низа на отворањето на сезоната 2013/14, а последните две сезони и до второто место во Серија А.
„Во свое име и во името на сите нас во Рома би сакал да му се заблагодарам за напорната работа која ја вложи од своето доаѓање во овој клуб. Сите уживавме во некои убави моменти, но веруваме дека ова е вистинското време за промена“, се наведува во соопштението на претседателот на клубот Џејмс Палота.
Денешниот тренинг на Рома ќе го води Алберто де Роси.
„Газета дело спорт“ објави дека Гарсија на клупата на Рома ќе го замени Лучијано Спалети, а исто така се наведува дека Спалети веќе се сретнал со Палота и ја договорил својата соработка до 2017 година.
Спалети така би се вратил во Рома со која од 2005 до 2009 година успеа да освои два трофеја во Купот на Италија. По заминувањето од Рома се пресели во Зенит Санкт Петербург и со овој тим освои две шампионски титули и еден Куп на Русија.
Рома во моментов се наоѓа на петтото место на табелата со 34 бодови, седум помалку од првопласираниот Наполи.

Најнови вести