16.11.2015 Раул со титула ја заврши кариерата
Фудбалерите на Њујорк Космос ја освоија титулата прваци на Северноамериканската фудбалска лига (НАСЛ), предводени од Раул Гонзалес.
Иако јунакот на победата на финалето на Отава со 3-2 беше трократниот стрелец Гастон Селејрино, ветеранот од Шпанија беше во центарот на вниманието , бидејќи ова му беше последниот натпревар во кариерата.
Легендата на Реал се прости од фудбалот и од Космос , кој ја освои втората титула во последните три сезони, а седма во историјата.
„Имав неверојатна година, но пред три месеци одлучив да завршам со својата кариера, а ова е совршен начин. Време е да одморам. Горд сум на она што го направив. Почнувам нов живот, помалку тажен, но и среќен “, изјави Раул.
Тој сепак не ја отфрли можноста за враќање во Реал Мадрид.
„Тие ми понудија можност да се вратам, но сè уште не сум одлучил. Знам дека ќе продолжам да навивам за Реал“, рече легендарниот напаѓач на „кралскиот клуб“.
Раул во својата кариера одигра 932 натпревари за Реал Б, Реал, Шалке, Ал Сад и Космос и постигна 388 гола, додека пак на 102 настапи за Шпанија имаше 44 погодоци.