Корисничко име Лозинка Пријави се
14.7.2015

Полната „Бонбониера“ и Марадона го дочекаа Тевес

Повеќе од 40.000 навивачи на стадионот „Бонбониера“ во Буенос Аирес го дочекаа Карлос Тевес при неговото враќање во Бока јуниорс.

Популарниот Апаче се врати во Бока од Јувентус по 11 години, а меѓу присутните на стадионот беше и најдобриот фудбалер на сите времиња и почесен претседател на клубот – Диего Армандо Марадона.
„Навивачите се идентификуваат со мене, а можам да ви кажам дека таквото чувство е двострано. Оној момент кога заминував, размислував за враќање. Ова е најдобриот ден во мојот живот“, изјави Тевес.
Карлито родниот град и саканиот клуб ги напушти на возраст од 20 години, а претходно имаше 100 настапи, 34 постигнати голови, освојувајќи ја за три сезони титулата, Копа Либертадорес, Копа Судамерикана и трофејот на Клупското првенство на светот.
„Кога не сте дома, се чувствувате сами, што е многу тешко. Така се чувствував секоја недела, кога играше Бока. Се вратив бидејќи ова се мои луѓе, како и поради фактот дека веќе не мора да зборувам италијански или англиски, но, она што сепак е најважно, повторно сум со своето семејство“, изјави Тевес, кој повеќе пати во текот на кариерата изјавуваше дека го мачи носталгија и дека сака да се врати во Аргентина.
Доаѓањето на Тевес, Бока ќе ја чини 6,5 милиони евра, коишто екипата од Буенос Аирес мора да ги исплати до декември 2016 година, но двата клуба во меѓувреме договорија уште неколку работи. Како дел од целиот договор, Гидо Вадала ќе ја засили „старата дама“ на заем за 3,5 милиони, со тоа што клубот од Торино ќе мора да исплати уште 9,4 милиони евра до април 2017 година ако сака да го откупи новиот Меси.

Најнови вести