Корисничко име Лозинка Пријави се
22.4.2015

Јувентус брка прво полуфинале по 12 години

Откако Интер во 2010 година ја освои Лигата на шампионите, ниту еден италијански клуб не се пласирал во полуфиналето на Лигата на шампионите. Јувентус се бори за прв пласман во таа фаза од сезоната 2002/03, а Монако од сезоната 2003/04.

Фудбалерите на Монако на својот стадион ќе се обидат да го надополнат заостанувањето од еден гол од Торино против Јувентус (0-1). Тимот на Леонардо Жардим игра одлично оваа сезона во Лигата на шампионите, го елиминира Арсенал во осминафиналето, а доколку го исфрли Јувентус, ќе биде блиску до успехот од 2004 година, кога играше во финалето.
„Очекувам одлична атмосфера и полн стадион. Одморив некои играчи во францускиот шампионат против Рен и верувам дека сме подготвени за уште еден предизвик. Чувствуваме замор, но ќе закрепнеме и ќе ги поправиме грешките пред натпреварот со Јувентус“, изјави тренерот Жардим.
Лидерот на Серија А направи добра увертира пред гостувањето - го победи Лацио со 2-0 и се наоѓа на чекор од одбрана на титулата. Предност на Јувентус може да му биде и фактот дека има забележано максимални 11 триумфи во нокаут-фазата против француски екипи.
„Не бев изненаден со играта на Монако во првиот натпревар. Добро играа, не ги потценивме. Бевме фаворити пред тој натпревар, па многумина играчи чувствуваа притисок. Денес ќе биде поинаку, мораме да ја преземеме контролата од почетокот“, изјави Патрис Евра за француските медиуми.
Монако во осминафиналето го елиминира Арсенал, а Евра, кој од 2002 до 2006 година играше за Монако, изјави дека француската екипа може рамноправно да игра против секој противник.
„Бев горд на нив кога го елиминираа Арсенал. Беа бестрашни“, додаде Евра.
Карлос Тевес, напаѓачот на Јувентус, изјави дека неговата екипа не смее да ја испушти предноста од првиот натпревар.
„Имаме одлична шанса и не смееме да ја испуштиме. Штом дојдовме до четврт-финалето на Лигата на шампионите – сè е можно“, изјави Тевес, кој оваа сезона постигна 26 погодоци во сите натпреварувања.
Артуро Видал го пропушти вчерашниот тренинг поради воспаление на крајниците и неговиот настап е неизвесен, како и настапот на Пол Погба поради воспаление на тетивата. Натпреварот поради повреда ќе го пропуштат и Мартин Касерес, Лука Мароне и Ромуло.
Во францускиот тим нема да биде Ласина Траоре поради повреда на ногата, додека настапот на Бакајоко е неизвесен поради проблеми со бутниот мускул.

Најнови вести