Корисничко име Лозинка Пријави се
06.4.2015

Бензема: Роналдо е феномен

Карим Бензема, фудбалерот на Реал Мадрид, за својот соиграч Кристијано Роналдо изјави дека е феномен откако постигна пет голови во триумфот над Гранада со 9-1.

Кралскиот клуб пред дуелот со Гранада, на три од последните четири натпревари доживеа пораз, но рутински ја заврши работата против екипата која го држи претпоследното место во Примера лигата.
Роналдо, без сомнение, беше јунакот на натпреварот, бидејќи прв пат во кариерата постигна пет погодоци на еден натпревар, а Бензема по средбата имаше само низа пофални зборови за Португалецот.
„Ова беше одличен натпревар по поразот во Ел Класико, а резултатот е добар за нашиот морал. Постигнавме многу голови, добро напаѓавме и одлично се браневме, а навивачите го препознаа тоа. Роналдо е феномен, тој секогаш му помага на тимот. Пресреќен сум за него бидејќи ги заслужува сите пофалби кои ги добива“, изјави Бензема, кој постигна два гола во триумфот над Гранада.
Бензема, како и Герет Бејл и Роналдо, последните седмици беше критикуван од јавноста поради лошите резултати, но изјави дека на секој натпревар до крајот на сезоната тој и соиграчите одат само на победа.
„Бејл, Роналдо и јас сме добро, како и секогаш. Работиме за да му помогнеме на тимот. Понекогаш постигнуваме голови, понекогаш не, но секогаш работиме за тимот. За мене најважно е што победивме и освоивме три бодови, но вистина е дека не се случува секој ден да постигнете девет голови. Потенцијално имаме 15 натпревари до крајот на сезоната и мораме да победиме на секој од нив“, додаде францускиот фудбалер.

Најнови вести