Корисничко име Лозинка Пријави се
16.3.2015

Рамос: Тешко е да се биде Роналдо

Серхио Рамос, дефанзивниот играч на Реал Мадрид, по победата над Леванте со 2-0, изјави дека не е лесно Кристијано Роналдо да носи голем товар на својот грб.

Триесетгодишниот Португалец од почетокот на годината има пад во формата, а вчера беше критикуван за својата ладна реакција по двата гола кои ги постигна Герет Бејл.
Но, Рамос изјави дека никој во редовите на кралскиот клуб не е загрижен за случувањата во текот на викендот, но и додаде дека Роналдо заслужува признание за својот придонес во тимот.
„Тешко е да се биде Кристијано, а тој веќе со години игра на највисоко ниво. Тој себеси се познава подобро од кој било друг, има натпреварувачки карактер и не сме загрижени ако тој не постигне гол, а Бејл да. Мораме да го цениме сето она што тој му го дава на тимот“, изјави Рамос.
Исто така, шпанскиот фудбалер изјави дека не постои причина за паника во Реал по лошите резултати во последно време бидејќи „кралевите“ имаат шанса за титулата и во Примера лигата и во Лигата на шампионите.
„Мораме да бидеме обединети повеќе од кога било. Ова беше тежок натпревар по проблемите во формата и притисокот што го носи самото играње за Реал, кој е поголем отколку во кој било друг тим. Мораме да го прифатиме тоа, но не мислам дека ова беше проблематичен период. Ни остануваат уште два месеци од сезоната, имаме еден бод помалку од Барселона, играме во Лигата на шампионите“, додаде Рамос.

Најнови вести