Корисничко име Лозинка Пријави се
24.2.2015

УЕФА со поддршка Светското првенство во Катар да се игра во зима

Европската фудбалска унија денес го поддржа предлогот на Работната група на Светската фудбалска федерација да го помести терминот на одржување на Светското првенство 2022 година во Катар за ноември и декември.

Работната група на ФИФА денес предложи Мундијалот во Катар во 2022 година да се одржи во зима, по шестмесечна консултација за промена на терминот, но и поради загриженоста за високите температури во Катар во текот на летото.
„УЕФА ја поддржува препораката за промена на календарот Светското првенство 2022 година во Катар да се одржи од крајот на ноември до крајот на декември. УЕФА верува дека за доброто на фудбалерите и навивачите, турнирот би требало да се одржи во текот на зимата и сега се чека конечната одлука на Извршниот комитет на ФИФА, во март“, се наведува во соопштението.
Промената на датумот би можело да биде проблем за домашните европски фудбалски натпреварувања, но УЕФА наведува дека ќе пронајде решение.
„Не мислиме дека ќе има големи проблеми со поместувањето на натпреварувањето во сезоната 2022/23. Исто така, свесни сме дека натпреварувањата може да бидат скратени и дека периодот на отсуство на играчите може да биде намален“, пишува во соопштението.
ФИФА конечна одлука ќе донесе на состанокот на Извршниот одбор на 19-ти и 20-ти март во Цирих.

Најнови вести