Корисничко име Лозинка Пријави се
14.1.2015

Мојс: Главна цел е опстанокот, но го сонуваме финалето на Купот

Дејвид Мојс, тренерот на фудбалерите на Реал Сосиедад, изјави дека главна цел на клубот оваа сезона е опстанок во Примера лигата, но дека истовремено сонува за пласман во финалето на шпанскиот Кралски куп.

Сосиедад денес во реваншот од осминафиналето го дочекува Вилјареал и мора да го надополни минусот од еден гол од првата средба (1-0).
Но, по првенственото реми во неделата со Гранада (1-1), Мојс изјави дека сè уште постои реална опасност од испаѓање, бидејќи Баскијците се само со три бодови над опасната зона.
„Ако е можно, би сакал да дојдеме до финалето на Кралскиот куп поради нашите навивачи. Доколку успееме, тоа би било фантастично. Мислам дека би требало да се биде реален, но нашите надежи и нашите соништа се да стигнеме до финалето“, изјави Мојс за шпанските медиуми.
Поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед и на Евертон ги пофали играчите поради напорната работа, која се исплати со големата победа над Барселона овој месец (1-0), но ги предупреди на основната цел и опстанокот во Примера лигата.
„Кога во ноември минатата година ја презедов екипата, постоеше опасност од испаѓање. Ситуацијата сега е многу подобра, но опасноста и понатаму постои“, изјави Мојс.
Клубот од Сан Себастијан, кој последниот трофеј на Кралскиот куп го освои уште во 1987 година, моментно се наоѓа на 12-тото место на Примера лигата со 19 бодови од 18 натпревари.

Најнови вести