Корисничко име Лозинка Пријави се
30.11.2017

Екипата од Баскија се засрами во Кралскиот куп

Второлигашот Леида ја шокира Баскија елиминирајќи го домаќинот Реал Сосиедад иако беше поразена со минимален резултат во првиот натпревар од шеснаесетфиналето на Кралскиот куп.

Успехот на гостите е уште поголем бидејќи Сосиедад во 33-тата минута од реваншот имаше предност од 2-0 пред неговите навивачи со погодоците на Диего Љоренте во 24-тата и на Хуанми во 34-тата минута.
Но, Нунес со голот во 56-тата минута го најави она што ќе се случува понатаму, Милина само 180 секунди подоцна донесе изедначување, а српскиот млад играч Борис Радуновиќ во 88-мата го комплетира неверојатниот пресврт и враќањето на Леида.
Барселона немаше никакви проблеми против Мурсија. По триумфот од 3-0 во првата средба, Каталонците славеа уште поубедливо – 5-0 (1-0).
За Барселона погодија: Пако Алкасер во 16-тата, Жерар Пике во 56-тата, Алеиш Видал во 60-тата, Денис Суарес во 74-тата и Хосе Арнаис во 79-тата минута.
Слично беше и на „Рамон Санчес Писхуиан“, каде што Севилја, исто така по 3-0 во првата средба, уште еднаш рутински ја порази Картахена – 4-0 (3-0).
Сè беше јасно по шест минути игра и двата гола по ред на Висам Бен Једер, потоа Гансо зголеми на 3-0 во 42-рата, а Хоакин Коре во 66-тата минута го постави конечниот резултат.
Во другиот термин, Атлетико го победи Елче со 3-0 и го неутрализира ремито од првиот натпревар (1-1), а одличен беше двократниот стрелец Фернандо Торес. Лас Палмас изгуби од Депортиво со 3-2, но го доби првиот натпревар со 4-1 и се пласира во следната фаза, додека Атлетик Билбао ја комплетира катастрофалната вечер на Баскијците.
Во шестата минута од продолжението, Форментера постигна гол за 1-0 и солзи на „Сан Мамеш“ (првиот дуел беше завршен 1-1).

Најнови вести