12.6.2014 Реал најбогат, Шпанците водат
Реал Мадрид, фудбалскиот шампион на Европа, е најбогат клуб на светот, чија вредност се проценува на 2,5 милијарди евра, објави списанието „Форбс“.
Втора на списокот е Барселона, чиј капитал е вреден 2,3 милијарди евра.
Трет е Манчестер јунајтед со 2,1 милијарда евра, четврти е Баерн од Минхен со 1,4 милијарди евра, а потоа следуваат англискиот премиерлигаш Арсенал (983 милиони евра), Челзи (641) и Манчестер сити со 637 милиони евра.
Италијанскиот Милан се наоѓа на осмото место со вредност од 632 милиони евра, па следува Јувентус со 620, а на десеттото место е Ливерпул со имот вреден 510 милиони евра.
Најплатен спортист е американскиот боксер Флојд Мејведер, чија годишна заработка изнесува 78 милиони евра.
На второто место е Кристијано Роналдо, португалскиот фудбалер и напаѓач на Реал Мадрид, со повеќе од 59 милиони евра годишно, а трет е Американецот Леброн Џејмс, кошаркарот на Мајами, со 53 милиони евра.
Фудбалерот на Аргентина, Аргентинецот Лионел Меси е четврти со околу 48 милиони евра годишно.
Првиот тенисер на светот, Шпанецот Рафаел Надал се наоѓа на деветтото место од најбогатите спортисти со годишна заработка до 44,5 милиони евра.