13.5.2014 Баер го доведе третиот стрелец на Бундеслигата
Швајцарскиот репрезентативец Јосип Дрмиќ го напушти Нирнберг и потпиша петгодишен договор со Баер од Леверкузен, потврдено е на интернет-страницата на „фармацевтите“.
„Со доаѓањето на Дрмиќ поставивме јасни основи на тимот за во иднина. Јосип во Нирнберг го покажа своето ниво, беше еден од најдобрите стрелци во Бундеслигата. Ќе бидеме значително посилни со него во нападот и поконкурентни за пласман во Лигата на шампионите“, изјави Михаел Шаде, директорот на Баер Леверкузен.
Дрмиќ во штотуку завршената сезона на Бундеслигата постигна 17 голови и поефикасни од него беа само Роберт Левандовски (Борусија Дортмунд, 20 голови) и Марио Манџукиќ (Баерн Минхен, 18).
Тој во кариерата играше уште за Цирих, а за репрезентацијата на Швајцарија одигра пет натпревари и постигна два погодоци.