Корисничко име Лозинка Пријави се
07.5.2014

Ван Хал ја прифатил понудата на Јунајтед, Гигс во стручниот штаб

Луис ван Хал, селекторот на репрезентацијата на Холандија, ја прифатил понудата на Манчестер јунајтед, а во неговиот стручен штаб ќе биде и сегашниот тренер на клубот Рајан Гигс.

Како што пренесува „Токспорт“, управата на Манчестер јунајтед постигнала договор со Ван Хал и 63-годишниот тренер ќе ја преземе екипата од „Олд Трафорд“ по Светското првенство во Бразил.
Исто така, се наведува дека Рајан Гигс, сегашниот тренер на Јунајтед, се согласил да биде во стручниот штаб на Ван Хал.
Британските медиуми претходните денови шпекулираа дека на Ван Хал ќе му биде понуден тригодишен договор, а како дел од неговите надлежности се споменува и можноста да му биде ментор на Гигс, кој подоцна би го наследил на клупата на „црвените ѓаволи“.
„Тој има одлична репутација. Ван Хал беше успешен тренер во различни лиги. Ја одведе Холандија на Светското првенство“, изјави неодамна Гигс.
Ван Хал во текот на кариерата ги предводеше Ајакс, Барселона, Баерн Минхен и АЗ Алкмар и со секоја екипа ја освои шампионската титула.
Неговиот договор со Фудбалскиот сојуз на Холандија истекува по завршувањето на Светското првенство, кое од 12-ти јуни до 13-ти јули се одржува во Бразил.

Најнови вести